За создавање на врвни професионалци во техничките науки неопходно е практично искуство, посочи во своето обраќање пред младите девојки инженерки (Global Engineer Girls), генералната директорка на Макстил, Марија Дуковска-Павловска.
„Мотивирањето за одење напред и надградување на себеси треба да произлезе од самите вас, а изборот на науката, технологијата, математиката и инженерство
веќе ве дефинира како професионалци кои се развиваат и одат напред следејќи ги новите текови. Сепак, знаењето што го имате може да најде најдобра примена во производството, бидејќи во производните индустрии ви се отвора простор за ги зголемите своите потенцијали и да бидете дел од процес на создавање. За еден професионалец и некој што се вложил себеси во инженерските науки, создавањето на производ е најголемо себе-признание“, истакна Дуковска-Павловска во својот мотивирачки говор кон девојките инженерки.
Макстил како компанија има отворени можности за практична работа, стипендирање и перспективни работни позиции за младите жени и девојки со СТЕМ образование. Како современа компанија каде електро-техничките, машинските, технолошко-металуршките и компјутерски и информатичките науки, наоѓаат голема примена, нуди одлични услови за вработување и кариерен напредок на сите млади професионални кадри.
Во истата насока е и поддршката од Макстил за иницијативата на Global Engineer Girls како меѓународна филантропска иницијатива и заложбите за зголемување на застапеноста на жените во СТЕМ областа.