Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ја опиша ситуацијата на Блискиот Исток како на работ на бездна и рече дека се надева оти каков било одговор на Израел на нападот на Иран нема да доведе до ескалација.
Во текот на викендот, Техеран почна масовен напад со беспилотни летала и ракети врз Израел, како одмазда за нападот на почетокот на април во кој беше уништен неговиот конзулат во Дамаск, за што го обвини Израел.
„Ние сме на работ на бездната и мора да се одалечиме од неа. Мораме да ги притиснеме сопирачките и да го ставиме менувачот во рикверц“, рече Борел.
Истакнувајќи ја, како што рече, длабоката поделба во израелската владејачка коалиција, тој нагласи дека постои поумерена и разумна фракција која се залага за одмазда на начин на кој избегнува ескалација.
Борел рече дека ЕУ мора да одржува добри односи со Иран, и покрај воведувањето санкции кон него.
„Во интерес на сите е Иран да не стане нуклеарна сила и Блискиот Исток да биде смирен“, рече тој.
Во неделата, Борел разговараше со иранскиот министер за надворешни работи.