Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен оцени дека хуманитарната ситуација во Газа е катастрофална и неприфатлива и дека израелската офанзива на Рафах треба да се спречи по секоја цена.
„Газа се соочува со глад. Тоа е неприфатливо. Од клучно значење е брзо да се постигне договор за прекин на огнот и да се ослободат заложниците и да се дозволи повеќе хуманитарна помош да пристигне во Газа“, рече таа на прес-конференција со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Европската унија одвои дополнителни 125 милиони евра за хуманитарна помош за Палестинците во 2024 година, од кои 81 милион евра се веќе склучени со клучните партнери на ОН како што се Светската програма за храна, СЗО и УНИЦЕФ.
„Помошта пристигнува по копно премногу бавно, затоа бараме отворање на повеќе копнени премини, додека развиваме алтернативи како што се испорака на помош од воздух и поморски коридор од Кипар“, рече таа.
Коментирајќи ја работата на Агенцијата на ОН за палестински бегалци, таа посочи дека Унијата води конструктивен дијалог со нив, но исто така ја поздрави „одлучноста и транспарентноста“ на Гутереш да ги истражи наводите дека некои нивни членови учествувале во нападите на југот на Израел на 7 октомври минатата година.
„Европа ќе ја поддржи реконструкцијата на Газа штом ќе дозволат условите“, рече Фон дер Лајен и додаде дека треба да се изгради јасен политички пат кон реализација на моделот на две држави: Израел и Палестина.
Фон дер Лајен на конференцијата изјави и дека поддршката на ЕУ за Украина е непоколеблива и дека денеска се исплатени првите 4,5 милијарди евра помош од 50-те што беа предвидени.
„Ние сме ваша финансиска поддршка број еден, и тоа со гордост“, рече претседателката на Европската комисија.