Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со новоименуваната амбасадорка на Чешката Република во Северна Македонија, Ирена Гетцова.
Сали ѝ посака добредојде на амбасадорката и успех во нејзината дипломатска мисија, изразувајќи подготвеност за унапредување на пријателските односи и соработката меѓу двете земји.
На средбата се разговараше за билатералните односи и европската перспектива на Северна Македонија. Сали изрази благодарност за континуираната поддршка од Чешка за членството на земјата во Европската Унија, нагласувајќи ја важноста на партнерството со земјите членки во спроведувањето на реформите и зајакнувањето на институционалните капацитети.
Внимание беше посветено на можностите за размена на чешките искуства од процесот на пристапување и користењето на европските фондови, како и на потенцијалот за проширување на економската, образовната и културната соработка.