Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им претстави на членовите на воениот кабинет план за Појасот Газа, според кој целта е да се замени палестинската милитантна група Хамас со „локални функционери“ кои не се поврзани со тероризмот за да управуваат со службите во енклавата, соопшти кабинетот на Нетанјаху.
Тоа е првпат плановите за Појасот Газа по војната официјално да бидат претставени на одобрување пред кабинетот, пишува „The Times of Israel“. Документот што Нетанјаху го претстави на состанокот во четвртокот не ја спомнува конкретно Палестинската управа, ниту го исклучува нејзиното учество во повоената администрација на Појасот Газа.
Наместо тоа, се наведува дека граѓанските работи во Газа ќе ги водат „локални службеници“ кои имаат „административно искуство“ и кои не се поврзани со, како што е наведено, „земји или ентитети кои го поддржуваат тероризмот“.
Во соопштението се наведува дека документот ќе послужи како основа за идни дискусии во врска со повоеното управување со Појасот Газа. Во планот се наведува дека непосредна цел е израелските одбранбени сили (ИДФ) да продолжат да ги остваруваат своите цели, а тоа се уништување на воените капацитети и инфраструктура на Хамас и Исламскиот џихад и ослободување на заложниците, додека долгорочна цел е да се елиминира секоја безбедносна закана од Појасот Газа.
Како среднорочна цел, се наведува дека ИДФ ќе одржува неограничена слобода на дејствување низ Појасот Газа со цел да се спречи повторување на „терористичките активности“. Нагласено е дека Израел ќе продолжи со веќе започнатиот проект за воспоставување безбедносна тампон зона на палестинската страна на границата на Појасот Газа.
Во документот се наведува дека Израел ќе наметне затворање на границата на Појасот Газа со Египет со цел да се спречи, како што се посочува, „оживување на терористичките активности и шверцот“.
Планот на Нетанјаху, исто така, предвидува „целосна демилитаризација“ на Појасот Газа надвор од она што е неопходно за одржување на јавниот ред. Планот предвидува и затворање на Агенцијата за помош и работа на Обединетите нации за палестинските бегалци (UNRWA) поради наводната вмешаност на 12 нејзини членови на персоналот во нападот на Хамас на 7 октомври во јужен Израел. Се наведува дека Израел ќе работи на замена на агенцијата со „одговорни меѓународни организации за помош“.
Во документот се наведува дека планот за обнова на Појасот Газа ќе го финансираат и водат земји кои се, како што се наведува, прифатливи за Израел.