Новиот полски премиер Доналд Туск: Приоритет на владата е да ги убеди светските лидери да продолжат со помошта за Украина

Новиот-полски-премиер-Доналд-Туск-Приоритет-на-владата-е-да.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Новиот полски премиер Доналд Туск  изјави дека неговата влада ќе работи да ги убеди светските лидери дека е неопходно да се продолжи со пружањето помош за Украина и дека тоа ќе биде приоритет на владата бидејќи, како што наведе, тоа е во интерес на слободниот свет.


Туск рече дека е болно за него да слуша како украинскиот претседател Володимир Зеленски мора да продолжи да се обидува да ги убедува светските лидери за потребата да продолжат да ја поддржуваат борбата на Украина против руската агресија, објави „АП“.

Тој тврди дека Полска ќе постигне лидерска позиција во Европа и ќе биде силен дел од НАТО.

Туск денеска имаше говор во парламентот, еден ден откако пратениците го избраа за нов премиер.

Полскиот парламент синоќа го избра Туск, лидерот на центристичката партија Граѓанска платформа за нов премиер, по осумгодишното владеење на партијата Право и правда на претходниот премиер Матеуш Моравјецки.

Туск стана премиер откако Долниот дом на полскиот парламент претходно во понеделникот изгласа недоверба на владата на Моравјецки.

Туск беше избран за премиер речиси два месеци по парламентарните избори, со помош на коалиционите партнери, вклучително и левичари и умерени конзервативци, пренесе АП.

Партиите излегоа на избори одделно, но ветија дека ќе работат заедно под водство на Туск за да ги обноват, како што рекоа, демократските стандарди и односите со сојузниците.

Ова гласање стави крај на осумгодишното владеење на партијата Право и правда (ПиС), за која критичарите велат дека ја поткопа независноста на судството, ги користеше државните медиуми за своја пропаганда и придонесе за создавање предрасуди против малцинските групи, како што се мигрантите или ЛГБТК заедницата, соопшти Ројтерс.

Туск, поранешен претседател на Европскиот совет, вети дека ќе ги подобри односите меѓу Варшава и Брисел и ќе ги деблокира милијардите евра наменети за Полска, кои се замрзнати поради загриженоста на ЕУ за владеењето на законот во Полска.

Изборите во Полска се одржаа на 15 октомври.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK