Германија не е сојузник на Украина, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус во интервју за телевизијата „ЗДФ“.
„Прво, ние не сме сојузник на Украина. Тоа значи дека не сме во ситуација која не обврзува да се мешаме во рамките на алијансата“, објасни тој, одговарајќи на прашањето дали недоволната воена помош за Киев значи дека „обединетиот Запад“ не е во состојба да „понуди отпор“.
Според него, Германија е на второ место според обемот на помош за Украина, „далеку пред другите“.
„Правиме што можеме. Истото важи и за речиси сите други сојузници и партнери“, рече министерот, коментирајќи ги наводите за недоволното ниво на воена поддршка.
Како што појасни, Германија сега е соочена со фактот дека одбранбената индустрија не може да обезбеди залихи во одредени области во потребните количини.
Министерот додаде дека текот на конфликтот е „тешко да се предвиди“, апелирајќи дека треба да се фокусира, пред сè, на „стабилноста на испораките, и покрај сите можни проблеми“.
Германскиот министер за одбрана додаде дека однапред предупредил дека Европската унија најверојатно нема да може да испорача милион артилериски гранати на Украина до пролет.
„Многу рано предупредив за оваа бројка, бидејќи видов дека оваа бројка веројатно нема да се достигне“, рече Писториус, пренесе Спутник.
Оваа бројка, рече тој, создаде очекувања кои на крајот не беа исполнети.
„Воената индустрија, создадена во мирнодопски услови, не може така лесно да произведе милион“, оцени министерот.
Сепак, тој посочи дека „работите ќе се подобрат во следните неколку месеци“.
„Само Германија ќе испорача речиси 200.000 гранати. Но, за се е потребно време и не се работи за политички одлуки или финансиски средства“, нагласи германскиот министер.
Покрај тоа, тој тврди дека ако Русија победи во конфликтот во Украина, ќе се појави „целосно нова безбедносна ситуација во Германија“.
Москва повеќепати изјави дека воената помош од западните земји не и носи ништо добро на Украина и само го продолжува конфликтот. Во исто време, транспортот на оружје станува легитимна цел на руската армија.