Министерството за внатрешни работи демантира дека утрово имало обид за киднапирање двајца ученици во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Карбинци, настан кој и градоначалникот на Општината, Виктор Паунов, јавно го објасни како обид за киднапирање.
„МВР најостро ги демантира шпекулациите кои денеска се проширија по одредени портали, локални телевизиски станици и социјалните мрежи за наводен спречен обид за грабнување на малолетно лице во училиштен двор во општина Карбинци. Според официјалната пријава до полицијата: Денеска во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило ‘голф’ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР и нагласуваат дека пласирањето на вакви шпекулации, од кои дел и во дневно-политички цели, е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните.
Од таму апелираат граѓаните да не наседнуваат на вакви шпекулации.
Во изјава за медиумите, во школскиот двор на училиштето, градоначалникот Паунов објасни дека грабнувачите се доближле до школскиот двор и се обиделе да стават во автомобилот двајца ученици.
„Овој немил настан кој се случи утрово по 9.30. Имало обид за грабнување двајца ученици од основното училиште ‘Страшо Пинџур’ овде, од Карбинци. Она што го имама како првични информации од персоналот од училиштето но и од распитот на инспекторите е дека е дека имало таков обид. Грабнувачите се обиделе да ги воведат децата во возилото кое што влегло до почетокот на училишниот двор. Безбедносните камери го имаат фатено возилото. Се работи на утврдување на регистарската таблица на возилото. Иако возилото било подалеку, фатено е на камерите и се работи на расчистување. Учениците сами и со помош на техничкит персонал кој се нашол во дворот успеале да избегаат“, рече градоначалникот Паунов.
Тој апелираше полицијата да биде поприсутна во Карбинци барем во делот кај училиштата, посебно во периодите кога учениците одат и се враќаат од училиште.