Поради замрзнат дожд утрово повторно беа прекинати летовите на аеродромот во Минхен. Портпаролот на аеродромот потврди за „ДПА“ дека сите писти се замрзнати поради замрзнатиот дожд. Нема да има полетувања или слетувања барем од првите летови во 6 часот наутро до пладне.
На онлајн распоредот на пристигнувања и полетувања на летовите на тој аеродром, сите наведени летови се откажани или одложени.
„Аеродромските писти и паркингот ќе бидат одмрзнати во првата половина на денот. Планот е да се овозможи воздушниот сообраќај да продолжи од пладне“, објавија од аеродромот на својата веб-страница.
„Сепак, се претпоставува дека повеќето летови во текот на остатокот од денот, исто така, ќе мора да бидат откажани од безбедносни причини“, додаваат тие. Новиот прекин доаѓа само 48 часа откако аеродромот продолжи со работа по дводневното затворање поради обилните снежни врнежи.