Израел подготвува голем систем на пумпи за вода со кои би можел да ги поплави тунелите на Хамас под Појасот Газа, во обид да ги протера од нив борците на таа палестинска милитантна група, објави Ројтерс, повикувајќи се на американските медиуми.
Во средината на ноември, израелската војска ја заврши инсталацијата на најмалку пет пумпи на околу два километри северно од бегалскиот камп „Ал Шати“, кои би можеле да испуштат илјадници кубни метри вода на час, поплавувајќи ги тунелите на палестинските милитанти за неколку недели, објави „Волстрит Журнал“ објави во понеделникот, цитирајќи американски официјални претставници.
Не е познато дали Израел ќе размисли за користење на пумпите пред да бидат ослободени сите заложници, кои ги држеше Хамас од почетокот на конфликтот, се вели во извештајот.
Хамас претходно објави дека држи затвореници на „безбедни места и тунели“, пренесува Танјуг.
Неименуван американски функционер рече дека има смисла Израел да ги оневозможи овие тунели и дека земјата истражува голем број начини да го стори тоа.
„Волстрит журнал“ пишува дека израелски воен претставник одбил да го коментира планот за поплавување на тунелите, но рекол дека „војската работи на уништување на терористичките капацитети на Хамас на повеќе начини, користејќи различни воени и технички алатки“.
Според американскиот весник, Израел ги известил САД за оваа опција минатиот месец, но во Вашингтон во моментов не знаат колку владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху е блиску до спроведување на овој план.
Според американските власти, Израел не донел конечна одлука дали ќе продолжи со овој план или ќе се откаже од него, пренесува Ројтерс.