Почетокот на судењето на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, поради неспроведување на одлуките на високиот претставник во БиХ, кој беше најавен за среда, е одложен за 6 декември, потврди Судот на Босна и Херцеговина денеска. Одбраната на Додик побара одложување на почетокот на судењето со образложение дека тој утре треба да отпатува за Унгарија.
Тврдеа дека поканата за тоа патување ја добил пред рочиштето да биде закажано за 22 ноември, а судот го прифатил тоа образложение. Додик и директорот на Службен весник на РС, Милош Лукиќ, се обвинети за кривично дело неисполнување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, за што, во случај на осуда, им се заканува казна која се движат од шест месеци до пет години затвор.
Ако бидат осудени, тоа ќе значи и автоматска забрана на должностите што ги извршуваат. Измените во кривичниот законик на Босна и Херцеговина по кои им се суди на Додик и Лукиќ ги наметна сегашниот висок претставник Кристијан Шмит, на 1 јули, истовремено кога ги укина законите со кои парламентот на Република Српска се обиде да го блокира спроведувањето на неговите одлуки, како и пресудата на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
Иако Шмит ги поништи спорните закони врз основа на неговите овластувања, Додик сепак го потпиша указот за нивно стапување во сила, а Лукиќ ги објави во Службен весник на субјектот, па и двајцата го прекршија законот.
И двајцата на прелиминарното рочиште во Судот на Босна и Херцеговина се изјаснија за невини, а нивната одбрана се заснова на тврдењето дека Шмит не бил легитимно избран висок претставник и покрај тоа што е избран според пропишаната процедура, па според нивното толкување, тој не можел ниту да наложи измени на кривичниот закон.