Синдикатот на „Еуроникел“ ќе го тужи директорот: 6 месеци нѐ лаже дека фабриката ќе работи и ќе растат платите

Синдикатот-на-„Еуроникел-ќе-го-тужи-директорот-6-месеци-нѐ.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Синдикатот на кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“, поранешна „Фени“, ќе поднесе кривични пријави против швајцарскиот фонд ГСОЛ, сопственик на фабриката, и против директорот Димитриос Пасхос за измама. Претседателот на Синдикалната организација на „Еуроникел“, Миле Ѓорѓиев, вели дека претставници на ГСОЛ и директорот ги измамиле работниците дека фабриката ќе работи.


„Подготвуваме кривични пријави за актуелниот сопственик ГСОЛ и за директорот Димитриос Пасхос за измама бидејќи 6 месеци нѐ лажат дека фабриката ќе работи, ќе расте производството, а ќе расте и нашиот личен доход. Ние сме во целост измамени затоа што фабриката денес не работи, ние не произведуваме и секој момент може да останеме на улица, а знаејќи дека сопственикот ја напушти фабриката и нема намера да исплати плата за октомври, тоа е уште едно кривично дело, кое исто така ќе биде дел од кривичната пријава што ја подготвуваме“, вели претседателот Ѓорѓиев.

Тој денес им испрати уште едно писмо на премиерот Димитар Ковачевски, на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и на генералниот директор на Комерцијална банка, Хари Костов, каде што е сметката на фабриката, во кое бара помош за исплата на платите на вработените и поддршка во напорите да се обезбеди струја за да не мораат целосно да ја изгасат печката. Изминатава недела претседателот Ѓорѓиев имаше средби со сите оние од кои бара помош, но освен ветувања, во фабриката и денес нема поместување на состојбата.

Ѓорѓиев вели дека „Енерџи деливери солушнс“, од каде што се снабдувале со струја, им го откажале договорот и вечерва на полноќ фабриката ќе остане без снабдувач на струја. Тој смета дека исплатата на достасаното ДДВ за август, кое државата треба да ѝ го исплати на фабриката, може да помогне и за исплата на платите и за покривање дел од трошокот за струја за одржување на печката на неопходниот минимум.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера вети дека ќе им помогне на вработените во „Еуроникел“ да ги задржат работните места онолку колку што Владата може да помогне оти се работи за приватна компанија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK