На пијанистот Дино Имери на свечена церемонија му беше доделено признанието за најдобар уметник на УКИМ за 2022 година.
Наградата е по повод Светскиот ден на науката – 10. Ноември, за покажани врвни резултати во уметничката дејност како и за придонес и афирмација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Наградата на Имери му ја врачи проф. д-р Биљана Ангелова – Ректор на УКИМ по одлуката на Одборот на Универзитетот.
„Би сакал да им се заблагодарам за ова значајно признание кое може да се добие само еднаш во кариерата. За мене, 2022 покрај бројните домашни и меѓународни успеси беше и година на многу лични и професионални предизвици и битки. Во моментите на неизвесност и тежина покрај мене беа истите луѓе кои секогаш со мене се радуваат, тагуваат, ме поддржуваат, ме бодрат. Знаете кои сте – без Вас ништо од ова немаше да биде возможно, но и немаше да биде волку вредно и скапоцено“, рече Имери по признанието.
Тој упати благодарност и до неговиот, како што го нарече, втор дом – Факултетот за музичка уметност – Скопје, проф. м-р Дарија Андовска (Декан на ФМУ), проф. д-р Соња Здравкова Џепароска (Продекан за настава и научна дејност на ФМУ), како и сите колеги од ФМУ за секојдневната соработка и взаемното почитување.
Дино Имери е роден во Скопје. Во текот на својата кариера оствари бројни настапи со повеќе оркестри и камерни ансамбли од земјата и од светот. Имери досега сними неколку дискографски изданија, а добитник е и на повеќе награди и признанија.