Барањата на здравствените работници за Ковачевски се легитимни, но треба да се видат можностите

Барањата-на-здравствените-работници-за-Ковачевски-се-легитимни-но-треба.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

За премиерот Димитар Ковачевски, барањата на здравствените работници од денешниот протест во целата земја се легитимни, но треба да се гледаат од аспект на можностите. Тој посочи дека барањата треба да ги разгледа Министерството за здравство за да се утврди кој дел би можел да биде имплементиран.



„Јас знам дека постојат секогаш повеќе синдикати, кои секогаш може да дадат нови барања и легитимни се барањата, меѓутоа мора да бидат ставени и во однос на тоа со што располагаат даночните обврзници. На крајот на денот, работата на здравствените установи се плаќа од здравствениот фонд. Здравствениот фонд е сопственост на оние што уплаќаат здравствено осигурување, ваш, на колегата до вас, не навлегувајќи во националната припадност на кој и да било што уплаќа во здравствениот фонд. Од тој аспект би кажал дека треба да се видат барањата и во рамките на можностите, во рамките на процесите и процедурите Министерството за здравство да поразговара што е она што може да биде имплементирано. Меѓутоа, она што досега е направено и она што досега е потпишано и реализирано навистина е многу повеќе од она што беше направено во минатото“, рече премиерот Ковачевски по посетата на фабриката за сувомесни производи „Мис глобус“.

Тој ги наброја сите досегашни покачувања на платите на здравствените работници за кои имаат потпишано договори со репрезентативниот синдикат, ги спомена платите на специјалистите, кои се зголемени 40 %, платите на докторите, на медицинските сестри, на немедицинскиот персонал, кои, според него, првпат биле зголемени во толку голем износ, а потсети и дека до крајот на годината сите ќе добијат и К15 во износ од 10.000 денари.

Барањата од денешниот предупредувачки протест на здравствените работници се 30 % поголема плата, нов колективен договор, бенефициран стаж, покачување на додатокот за инфекција од 1 на 4 % и трансформација на договорите на определено во договори на неопределено време на здравствените работници и административно-техничкиот персонал, кои на почетокот на месецот ги доставија и во Министерството за здравство, но одговор сè уште чекаат.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK