Социјалната мрежа „Икс“ отстрани стотици профили поврзани со Хамас и презеде акција за отстранување или означување на десетици илјади содржини по нападите врз Израел, изјави извршната директорка Линда Јакарино.
Тоа е одговор на 24-часовниот ултиматум на европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон до Илон Маск да се справи со ширењето на дезинформации на неговата платформа Х по нападот на Хамас, со цел да се усогласат со новите правила на ЕУ за онлајн содржините.
Бретон, кој рече дека има индикации дека X, порано Твитер, се користи за ширење нелегални содржини и дезинформации во Европската унија, рече дека неговиот тим ќе го анализира одговорот на Јакарино и ќе одлучи за следните чекори.
Новиот Закон за дигитални услуги (DSA) бара од главните интернет платформи, вклучувајќи ги X и Facebook, да направат повеќе за нелегалната содржина и да преземат мерки за отстранување на ризиците за јавната безбедност и граѓанскиот дискурс.
X ги прераспредели ресурсите и ги рефокусираше внатрешните тимови за да одговорат на ситуацијата што брзо се развива, рече Јакарино. Таа додаде дека компанијата собрала тим за да ја процени ситуацијата веднаш по нападот на Хамас.
X одговорил на повеќе од 80 барања за отстранување содржини примени во ЕУ во дадениот рок и не добил никакво известување од Европол за нелегална содржина на платформата, се наведува во писмото.