Бомбаш самоубиец уби девет војници кога со својот мотоцикл удрил во воено возило во северозападен Пакистан, што е најкрвавиот напад врз армијата оваа година, соопштија официјални лица, јави ДПА.
Петмина други војници беа ранети во нападот во текот на ноќта во околината на Бану, мал град во непосредна близина на регионот Вазиристан во близина на границата со Авганистан. Областа некогаш била контролирана од исламистички борци поврзани со милитантната група Ал Каеда.
Војниците ја опколиле областа по бомбардирањето и трагаат по сторителите.
Ниту една група не ја презеде одговорноста за последните напади, но и пакистанските талибанци и милитантната група Исламска држава ги нападнаа безбедносните сили и цивилите во регионот.