Бугарскиот производител: Во два од четирите случаи со БСЖ-вакцината во Хрватска е наведена доза 10 пати над пропишаната


vakcina-vi-e6c6b16f-53b1-41f7-b82f-a30f7925ea02.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Бугарскиот производител „Бул Био“ тврди дека податоците за четирите пријавени случаи на остеомиелит по БСЖ-вакцинација во Хрватска не докажуваат проблем со квалитетот на вакцината.


Според информациите што ги објави бугарското Министерство за здравство, во два од четирите случаи е наведено дека била аплицирана доза од 0,5 милилитри, односно десет пати повеќе од пропишаната. Двата случаи се однесуваат на вакцинации од 2024 година, а податоците за применетата доза допрва треба да бидат проверени во истрагата, пренесуваат бугарските медиуми.

Кај трет случај поврзаноста со вакцината подоцна била отфрлена, додека кај четвртиот остеомиелитот бил утврден околу година и пол по вакцинацијата, а во примерок од коскено ткиво било потврдено присуство на Mycobacterium bovis BCG.

„Бул Био“ наведува дека од 2021 година во Хрватска биле испорачани пет серии БСЖ вакцина, вкупно 420.000 дози, и дека сите серии биле одобрени со европски сертификат EU-OCABR. Вакцини од истите серии биле испорачани и во други земји од ЕУ, а според производителот, во европската база EudraVigilance нема други регистрирани пријави за несакани реакции од тие серии.

Од компанијата посочуваат дека остеомиелитот е позната, но ретка несакана реакција по БСЖ-вакцинација и дека самата појава не докажува дефект на производот.

Производителот додава дека при вакви реакции може да имаат влијание применетата доза, начинот на аплицирање, имунолошката состојба на пациентот и искуството на медицинскиот персонал.

„Бул Био“ соопшти дека веќе започнало истрага и дека конечните заклучоци за квалитетот на вакцината треба да се носат по целосна проверка на сите факти.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK