Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре во Софија ќе оствари билатерална средба со бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова.
Средбата е предвидена на маргините на Меѓународната конференција посветена на Коридорот VIII, на која ќе учествува и Муцунски.
Во рамките на конференцијата, министерот ќе се обрати на панелот на високо ниво „Геостратешки контекст на Коридорот VIII“, посветен на стратешкото значење на коридорот во актуелните геополитички, безбедносни и економски услови. Во фокусот ќе биде неговата целосна реализација како заеднички стратешки интерес на земјите долж коридорот и на поширокиот европски простор.
Конференцијата претставува продолжение на досегашниот политички дијалог за Коридорот VIII, вклучително и министерскиот состанок одржан во Тирана во февруари оваа година.