Власта сака посетата на Ескобар да ја прикаже како дипломатски булдожер, кој е повикан да врши тортура и притисок, оценува Мицкоски

mic.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Посетата на Ескобар е како и секоја друга посета, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.


Тој кажа дека на средбата со заменик-помошникот државен секретар на САД ќе ги образложат аргументите, но појасни и дека власта посетата на Ескобар сака да ја прикаже како посета на дипломатски булдожер кој е повикан од Владата да врши тортура.

„Изминатиов период имавме многу посети од високи странски претставници. Ќе ги слушнеме аргументите од таа страна, ќе ги кажеме нашите аргументи, отприлика содржината на состанокот се наѕира, така што секој добронамерен соговорник е добредојден, секој оној кој што сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на народот во Македонија е добредојден. Тоа што сега се обидува власта посетата на Ескобар да ја претстави како посета на условно кажано дипломатски булдожер кој е повикан на помош од Владата да врши тортура и притисок, тоа е веќе слабост на овие криминалци од Владата. Тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да вршат, тогаш одбрале погрешни соговорници“, порача Мицкоски.

На прашање дали се вршат притисоци врз ВМРО-ДПМНЕ за гласање на уставните измени, Мицкоски рече дека тоа не е тајна.

„Не е тоа тајна. Ако мислите дека на состаноците разговараме за времето надвор од канцеларијата или читаме поезија тогаш се лажете. Тоа се состаноци каде сериозно ги аргументираме позициите, траат неколку часа и ВМРО-ДПМНЕ не го прави тоа затоа што е инаетлива, туку затоа што сме загрижени за постоењето на македонскиот народ, за неговата иднина и за иднината на Македонија и затоа иако не бевме косултирани за предлозите нудевме решенија кои власта не ги прифаќаше “, додаде Мицкоски.

Околу изјавата на американската амбасадорка Агелер дека граѓаните треба да им дадат до знаење на политичарите дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека целосно се согласува со нејзината изјава и дека граѓаните се тие што се суверен во државата и тие треба на избори што би се случиле час поскоро да излезат и да кажат „да“ за Европската унија, но и да го одберат решението како до ЕУ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK