Депонијата кај Чегране чади втор ден, а инспектори на Државниот инспекторат извршија увид. Во тек е увид од страна на увидна екипа на МВР. Претседателот на ЦУК Стојанче Ангелов рече дека се започнати активности за затрупување.
„На повик на командирот на територијалната противпожарна единица денеска сум во депонијата во Општина Чегране, депонија која што повеќе од една година не е активна а на која што се складирало ѓубриште од општините Чегране и Брвеница. Веќе втор ден депонијата гори иако вчера територијалната противпожарна единица од Тетово даде се од себе, цел ден се обидуваат да изгаснат , но поради спецификите на гаснење на вакви депонии не успеале во тоа поради што донесовме одлука истата да биде затрупана. Во текот на вчерашниот ден се започнати активности за затрупување на оваа депонија, денес исто така се работи и ќе се проба со тешка механизација истата да се затрупа“, посочи Ангелов.
ЦУК претходно соопшти дека се изгаснати 24 пожари, во општините Студеничани, Битола, Прилеп, Кривогаштани, Крушево, Струмица, Радовиш, Струга, Дебар, Велес, Неготино, Кочани, Куманово, Липково, Брвеница и Гостивар. Пожарите биле на локации со сува трева, ниска шума, стрништа и депонии.