Владата на денешната седница донесе Програма за дополнување на Програмата за спроведување на интервентен фонд за земјоделството за 2023 година, со цел финансиска поддршка на производителите на пченица и јачмен, како и на одгледувачите на домати и краставици.
Според информацијата од владините служби, во Програмата се додадени три нови подмерки со што се обезбедува: финансиска поддршка од 3 денари по килограм за остварено и продадено или складирано производство на пченица; финансиска поддршка за произведен домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен од 3 денари по килограм – за произведени пченица или јачмен од прва и втора генерација за реколта 2023 година, како и финансиска поддршка за продадени количини на домат и краставица произведени под контролирани услови – од 35 денари по килограм домат што е произведен и продаден во периодот од 5 април до 31 мај 2023 година и 30 денари по килограм за краставица којашто е произведена и продадена во периодот од 5 април до 15 мај 2023 година.