Албанскиот премиер Еди Рама реагираше во врска со неформалната средба што премиерот на Грција Киријакос Мицотакис ја свика со лидерите на Западен Балкан, на која учествуваа и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, на која тој не беше поканет.
Албанија беше поканета на ниво на претседател, но шефот на државата Бајрам Бегај, одби да оди поради „претходно утврдена агенда“.
Рама пишува дека не реагирал порано бидејќи не сакал да ги вознемирува домаќините и гостите „ со дополнување на вревата пред моите добри пријатели собрани во Атина за да си ја завршат работата“.
– Навистина се надевам дека средбата била продуктивна и, се разбира, повеќе би сакал да не ја видам вечерата која се користи за да и испрати на Албанија контрадикторна порака против многу поамбициозната цел на иницијативата и јас се надевам дека овој несреќен факт не ги збуни почесните гости. Што се однесува до мене, разговорот, комуникацијата, дебатата со пријателите, сојузниците, партнерите и соседите е, пред сè, суштината на меѓународната политика и обидот, секогаш да се трудите, да се ставите на местото на другиот е задолжително. Уште повеќе кога се чини дека работите тргнуваат на лошо, напиша Рама.
Рама истакнува дека следниот октомври Албанија ќе претседава со годинешниот Самит на Берлинскиот процес во Тирана и обраќајќи му се на Мицотакис додава дека „многу почитуваниот колега во Атина е поканет да учествува и никогаш не можам да замислам да одговорам идентично, поканувајќи го наместо него, грчкиот претседател, кон кого имам најголема почит“.
Додава дека го разбирам притисокот од трети страни, желни да ја искористат секоја прилика да направат планина од едно ритче.
-Но, сите имаме многу поголеми предизвици пред нас, има вистински планини за искачување. Она што треба да не обедини во вакви турбулентни времиња за доброто на нашиот народ, нашите земји, нашиот регион, нашата Европа е поголемо од она што не дели. Премногу е ризично на глобално ниво, за да станеме заложници на внатрешната племенска политика, посочува Рама.
Главната причина што албанскиот премиер не беше поканет во Атина а што влијаеше во заладување на односите Мицотакис-Рама, е прашањето „Белери“, кое се однесува на апсењето под сомение за изборна корупција и задржувањето во притвор на градоначалникот на Химара, Фреди Белери, припадник на грчкото малцинство.