Годинава Денот на Единицата за брзо распоредување – 23 Август ќе биде одбележан на две локации, во Куманово и Скопје. Утрешните целодневни активности ќе почнат во 9:30 часот во кругот на СВР Куманово со откривање на спомен-обележје на полициските службеници кои го положија својот живот за почитување на Уставот, законот, мирот и безбедноста на државата, соопшти МВР.
– Во 10.30 часот во паркот во Куманово граѓаните ќе имаат можност да се дружат со припадниците на Единицата за брзо распоредување. каде ќе биде поставена и опремата со која располага Единицата, така што граѓаните ќе имаат можност покрај дружбата со полициските службеници и да се фотографираат со опремата, да влезат во полициските возила итн.
Потоа се упатуваме кон Скопје во базата во Ѓорче Петров каде ќе положиме свежо цвеќе на спомен плочата на загинатите и починати припадници на ЕБР, а граѓаните се разбира ќе можат да останат во паркот во Куманово заедно со припадниците на Единицата за брзо распоредување, известува Министерството.
Централната прослава на свеченоста по повод одбележувањето на 22-годишнината од формирањето на Единицата за брзо распоредување е закажана на паркингот пред базенот во Куманово со почеток од 19.00 часот.