Канада испраќа војска за справување со шумските пожари кои брзо се шират во Британска Колумбија, изјави во неделата премиерот Џастин Трудо, додека западната провинција се бори со пожарот што поттикна наредби за евакуација на повеќе од 35.000 луѓе.
Британска Колумбија прогласи вонредна состојба и воведе забрана за патувања кои не се нужни, за да се ослободи сместувањето за евакуираните и пожарникарите и ги повика операторите со дронови и другите што ги фотографираат пожарите да се држат настрана од спасувачите.
Во некои градови во Британска Колумбија, индексот на квалитетот на воздухот, кој ги мери главните загадувачи вклучувајќи ги и честичките од пожарите, беше над 350, што е „опасно“ ниво, според „Ајкју Ер“, информативна платформа за квалитетот на воздухот во реално време.
На полноќ, Салмон Арм го имаше најлошиот индекс на квалитетот на воздухот во земјата, со AQI отчитување од 470.
Шефот на противпожарната служба на Западен Келоун, Џејсон Бролунд, рече дека гледа надеж по борбата со „епските“ пожари во изминатите четири дена.
Тој рече дека условите се подобрени, помагајќи им на пожарникарите да го локализираат пожарот што му се закануваше на градот со 150.000 жители.
„Конечно се чувствуваме како да одиме напред, а не назад, и тоа е одлично чувство“, изјави Бролунд за канадските медиуми.
Трудо во твит рече дека федералната влада ќе понуди поддршка од канадската војска за да помогне во евакуации и други логистички задачи како одговор на барањето на владата на Британска Колумбија.
Шумските пожари не се невообичаени во Канада, но ширењето на пожарите ја нагласува сериозноста на најлошата сезона на шумски пожари досега, за која некои експерти ги обвинуваат климатските промени.