– Сцената на Национална установа Центар за култура Крива Паланка синоќа беше вистинска фолклорна палета на колоритни носии и традиционални инструменти претставени на концертот на културно-уметничкото здружение “Карпош”.
Концертот е дел од програмата на “Кривопаланечко културно лето 2023” во организација на Општина Крива Паланка и институциите од областа на културата во општината, со поддршка од Министерството за култура на Северна Македонија.
-Нашите членови го претставија репертоарот што опфаќа кореографии, ора и танци од источниот крај,од нашиот кривопаланечки регион и од националната традиција и култура, како заокружување на овој дел од летните настапи и претставувања, што отпочна со нашите турнеи низ Балканот, Хрватска, Србија, Босна, но и во Турција, а периодов што следува не очекуваат уште неколку настапи и учества на меѓународни фестивали, што ќе кулминираат со учеството на нашиот реномиран Интернационален фолклорен фестивал “св.Јоаким Осоговски” од 23-25 август, рече Оливер Станоевски, претседател на КУЗ Карпош, Крива Паланка.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, рече дека горди на традицијата, на фолклорот што не одликува како нација, КУЗ “Карпош”, кои се верни чувари на битот, на културата од кривопаланечко и државата.
“Кривопаланечко културно лето” во раскошните бои на традиционалната македонска носија ги разигра срца на присутните во НУ Центар за култура Крива Паланка кои уживаа и во настапите на гостите: КУД “Коле Неделковски”, Велес, КУД “Григор Прличев”, Скопје и оркестар на народни инструменти “Осоговски извор”, Кочани.