– Во рамки на драмската програма на „Охридско лето“ вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Едвард Втори“ работена според текст на Кристофер Марлоу, копродукциски проект на НУЦК Театар „Јордан Х.К. Џинот“ од Велес и Драмскиот театар „Н.О. Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија.
Директорот на Велешкиот театар кој воедно е и драматург на поставката, Сашо Димовски, вчера на прес-конференција по повод премиерата, најави дека се работи за естетички поинаква претстава од она што стандардно се нуди на театарската сцена, во изведба на исклучително млада актерска екипа која малтене дебитира токму во оваа претстава.
– На претставата „Едвард Втори“ макотрпно работевме два месеци, во услови и начини што ги надминуваат рамките на она, што барем досега за мене досега било поимање на создавањето театарски претстави, и преку еден навистина интензивен, многу жесток процес стигнуваме до завршен резултат кој е поразличен од сето она што нашиот театар досега го продуцирал, рече Димовски.
Разликата, како што појасни тој, произлегува од концептот на режисерот Андриј Жолда кој да дели улогата на Едвард Втори на двајца актери истовремено, преку поимање на два стратуми на на едно битие со две различни експресии од страна на актерите Илин Јовановски и Борис Крстев.
Сценскиот дизајнер на претставата, грузиецот Сајмон Мачавели кој зад себе има дебело уметничко портфолио, рече дека костимите за претставата се работени во самиот процес на поставување на „Едвард Втори“, во соработка со актерската екипи и секако со режисерот.
– Ова е интересен проект, работен по малку поинаков концепт. Многу размислувавме за концептот како ќе ја работиме сценографијата. Најинтересното беше што немавме предизајнирани костуми, туку тие ги изработувавме во текот на самиот процес, рече тој.
Главната женска улога, Изабела де Валоа, која воедно е перспектива од која се гради целата претстава и е главниот лик во драмското дејствие, е доделена на младата актерка Јована Миладинова која дебитира со таа улога.
– Ова е моја прва улога воопшто, искуството од една страна е секако многу напорно и силно, но истовремено прекрасно… Со режисерот Андреј воспоставивме многу искрена врска на доверба. Тој секогаш нагласуваше колку е важна токму довербата на релација актер- режисер. Сепак на крајот тој со самиот производ претставата ни ја препушта нам, рече таа.
Младиот актер Бранко Михајлоски од своја страна изрази задоволство од ангажманот во велешкиот театар и тоа што му е овозможено да работи со режисер како Андреј Жолда.
– Кога сме на сцена и кога работиме, заборавам на се, едноставно го отварам срцето и оставам Андреј да ме води. Се претварам во уво и само го работам тоа што ми е дадено во индикациите, рече тој.
Актерот Борис Крстев од Театарот во Пловдив, кој ја споделува главната улога во претставата, вели дека овој проект претставува најнеобичното искуство во неговата досегашна актерска кариера.
– За мене главен предизвик беше што во претставата треба да зборувам на македонски. Но благодарение на Сашо Димовски кој многу ми помогна, верувам дека добро ќе се справам со предизвикот. Голема чест и задоволство за мене е што воопшто и се сретнав со целата екипа, со големи професионални и прекрасни луѓе. Како на творец, на прво место ми е човекот и тоа со какви луѓе работам. Токму тоа е задоволството, да се работи со прекрасни луѓе, рече Крстев.
Претставата „Едвард Втори“ ќе се игра вечер на Големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток од 21 часот. По фестивалската премиера на „Охридско лето“ поставката на 9 септември ќе се игра на матичната сцена на Театарот во Велес и на 14 септември во Пловдив, а закажани се и неколку изведби на значајни драмски фестивали во регионот.