Освен на Родос и Крф, каде што пожарите сè уште не се ставени под контрола и противпожарните сили водат битка со огнената стихија, попладнево избија нови пожари во близина на градовите Ламија и Велестино во централна Грција, а превентивно беа евакуирани населени места, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос попладнево информираше дека пожарот кај Велестино брзо се проширил и затоа преку бројот 112 за итни случаи беше испратена порака за превентивна евакуација на две села и индустриската зона на Волос.
Иста порака добиле и жителите на северниот дел на грчкиот град Ламија за превентивна евакуација кон централниот и јужниот дел на градот.
До жителите на Волос исто така преку 112 била испратена порака да се заштитат од чадот, да останат во затворени простори со затворени врати и прозорци.
Пожарите се гасат со копнени и воздушни сили.
Во однос на пожарите на Родос и Крф, Артопиос истакна дека од вчера има разгорувања на одредени жаришта.
-Битката со катастрофалните пожари продолжува на многу фронта и денеска сите сили на цивилната заштита функционираат под екстремни услови, со оглед на тоа дека денешниот ден е најтежок летово, потенцираше портпаролот на противпожарната служба на Грција.
Посочи дека во битката со огнената стихија помагаат пожарникари и средства од 11 земји.