Јужна Кореја се согласи Јапонија да испушти радиоактивна вода од Фукушима во океанот

fukushima
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Јужна Кореја денеска соопшти дека планот на Јапонија за ослободување на прочистена радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима ги исполнува глобалните безбедносни стандарди и е во согласност со упатствата на надзорното тело на ОН.

Јапонија планира наскоро да започне со испуштање повеќе од милион тони прочистена радиоактивна вода во океанот, која досега беше складирана во нуклеарна централа северно од Токио и главно се користеше за ладење на реакторите уништени во цунамито во март 2011 година.


Јапонија се соочи со отпор кон таков план и дома и во странство, особено во Јужна Кореја и покрај уверувањата дека водата, откако ќе се филтрира за да се отстранат повеќето изотопи, е безбедна.

-Планот ги исполнува меѓународните стандарди, вклучително и оние пропишани од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), рече јужнокорејскиот министер Банг Мун-кју.

Повикувајќи се на МААЕ, тој посочи дека водата ќе има „незначителен радиоактивен ефект врз луѓето и животната средина“.

Во проценката на штетите учествуваа експерти од 11 земји, меѓу кои и експерти од Јужна Кореја, САД и Кина.

Јужнокорејската опозиција ја критикуваше владата дека се согласила со планот и смета дека таа требало да го изведе случајот пред Меѓународниот суд за право на морето.

Покрај тоа, кинески експерт кој учествуваше во проценката рече дека е разочаран од „избрзаниот“ извештај и се очекува дека Пекинг ќе продолжи да се спротивставува на планот.

Иако Јужна Кореја даде согласност да се испушти оваа вода во океанот, забраната за увоз на храна и морски плодови од регионот каде што се наоѓа Фукушима сè уште останува на сила.

Контаминираната вода беше третирана со методот ALPS преку систем за филтрирање кој го отстрани најголемиот дел од радиоактивниот материјал. Сепак, не постои практичен начин да се отстрани тритиумот, радиоактивен изотоп на водород.

Тритиумското зрачење, кое има полуживот од 12,3 години, може да биде опасно по здравјето, но Јапонија тврди дека радиоактивни дози во водата ослободена од Фукушима ќе бидат помали од една четириесеттина од меѓународните безбедносни стандарди, што е една седмина од количината која Светската здравствена организација (СЗО) ја постави како стандард за вода за пиење.

Речиси 1,3 милиони тони загадена вода, доволна за полнење на 500 олимписки базени, моментално се складирани во огромни резервоари во нуклеарната централа Фукушима по цена од речиси една милијарда долари годишно.

Експерти од компанијата TEPCO која управува со нуклеарната централа и владата на Јапонија потврдија дека од радиоактивната вода не може да се отстрани само тритиум, кој во мали количини, по планираното разредување, нема да биде штетно за животната средина и за здравјето на луѓето.

TEPCO исто така наведува дека количината на сите други радиоактивни материјали во водата може да се намали на прифатливо ниво, но многу научници предупредуваат дека долгорочните штетни ефекти од ослободувањето на големи количини радиоактивна вода врз морскиот живот не се познати.

Несреќата во Фукушима се случи на 11 март 2011 година, по силниот земјотрес со јачина од 9 степени и цунамито.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK