Градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски денеска изврши увид во завршната фаза за реконструкција на локалниот пат – улица „532“, на која се врши завршен слој на асфалтирање. Покрај асфалтирањето на коловозот, изградена е и пешачка патека во должина на улицата, известуваат од општината.
Георгиевски ја истакна потребата за целосна реконструкција и стабилизација на патот поради големата сообраќајна фреквенција и движење.
– Овој локален пат, е од огромно значење за општината и претставува главна сообраќајна конекција меѓу населени места Илинден, Марино и Кадино. Дополнително локалниот пат „532“ претставува единствен влез во една од најголемите локални економски зони Марино-Кадино, потоа конекција со училиштата и повеќе објекти од јавен карактер, известуваат од општина Илинден.
Оттаму нагласуваат дека ќе продолжат со континуирано работење на изградба, реконструкција, санација и рехабилитација на локалните улици и патишта, со цел подобрување на локалната патна инфраструктура.
– Во рамките на реализацијата на проектот директно ќе се придонесе за подобрување на безбедноста во сообраќајот, ќе се подобри секојдневната комуникација на луѓето, учениците и децата, ќе се подобрат условите за развој на културата, спортот и рекреацијата, ќе се подобри квалитетот на живот во општина Илинден, велат од локалната самоуправа.