Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, изјави дека евентуалното распоредување на француски војници во Украина би претставувало легитимна цел на руските вооружени сили.
„Во моментов, во Полска се одржуваат големи вежби „Коалиција 2.0“, чија цел е подготовка за распоредување на мултинационални сили во Украина во рамките на „Коалицијата на волјата“, чиј столб би биле Французите. Ова потврдува дека коалициите во Париз и другите главни градови се многу сериозни во своите намери“, рече Захарова, пренесува Спутник.
Таа нагласи дека во случај на распоредување на странски трупи во Украина, одговорот на Москва би бил одговорност на Министерството за одбрана и Генералштабот на руските вооружени сили, а не на дипломатијата.
„Како што изјави претседателот на Русија, Владимир Путин, странските трупи во Украина, во случај да бидат распоредени, ќе станат легитимна цел на руската армија. Се надеваме дека тие се свесни за ова во Париз“, рече Захарова во интервју за RT.
Портпаролката на руското Министерство оцени дека директното вклучување на Франција во украинскиот конфликт долго време е „јавна тајна“. Таа потсети дека Москва постојано укажува на присуство на западни воени експерти, инструктори и платеници во Украина, вклучувајќи и граѓани на Франција.
Според неа, уште во октомври 2025 година, Руската служба за надворешно разузнавање објави информации за наводни француски планови за распоредување воен контингент во Украина, додека францускиот претседател Емануел Макрон постојано зборуваше за можноста, па дури и за потребата од таков потег.
Захарова изјави дека, земајќи го предвид обемот на воена помош што Париз му ја дава на Киев, вклучително и испораката на технолошки сложено оружје и почетокот на производството во Украина, би било нереално да се претпостави дека француските воени експерти не учествуваат во активности на терен.
Таа додаде дека со текот на времето јавноста ќе дознае за вистинскиот обем на директно или индиректно вклучување на француските воени сили во конфликтот.
Захарова, исто така, предупреди дека, како што тврди, политиката на сегашното француско раководство не придонесува за националната безбедност на Франција, туку го зголемува ризикот од директен конфликт со Русија. Таа истакна дека не сите во Франција се согласуваат со таков пристап.
Фото: ЕПА