Во рамки на меѓународниот фестивал, „Денови на прозата“ кој се одржува во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово, денеска се одржа работилница за деца со авторката Јулијана Величковска. На интерактивното читање на книгата за деца „Ведра“ од Величковска, присуствуваше и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска. Децата уживаа во приказната за „Ведра“, плачката која победува змејови.
Авторката Величковска, кажа дека книгата била одлично прифатена од децата.
– Она што е поинаку е дека не е само сликовница туку е и аудиокнига. Децата имаат можност да ја слушаат приказната, има музика компонирана специјално за книгата. Целосен пакет за уживање за децата, визуелно, звучно. Значајно е што фестивалот одвојува простор и за детска литература затоа што тие се идни читатели, кажа Величковска.
Дводневниот меѓународен фестивал на прозата има го организира Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ со поддршка на ресорното министерство и локални компании, поддржувачи на проектот. Фестивалот има за цел промоција на домашни и странски автори, дискусии, дебати, со цел да се доближи прозата до читателите.
-Преку овој фестивал сакаме да ја ставиме убавата литература на пиедестал и да овозможиме со фестивалот да се случуваат и други дополнителни активности што ќе ги организираме тој период, а се поврзани со литературата и со прозата во нашиот град. Очекуваме дека со поставувањето на овој фестивал на мапата на книжевни фестивали во државата ќе придонесеме за популаризирање на книгата, на читањето и на дискусијата, кажа претходно, директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски.