Учесниците на „Мал Битолски Монмартр“ во посета на Бигорски

opshtini
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Бигорски манастир беше средиште на еден несекојдневен културно-уметнички настан – детската ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“, организиран од претседателката на оваа меѓународна детска ликовна колонија, Елена Хаџи-Антоновска и претседателот на УО на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, Славчо Неделковски.







– Стотина млади ликовни уметници од 22 земји во светот, кои со своите штафелаи, четки и палети и пред сè, со својот уметнички талент и младешки творечки дух, вчера го красеа манастирското двориште, пренесувајќи ги на сликарско платно архитектонските и природните убавини на манастирот, секој преку својата лична естетска перцепција, информираа од манастирот.

Додаваат дека најнапред младите уметници биле гостољубиво пречекани и примени од епископот Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот, кој со топли татковски зборови им се обратил на официјалниот прием.

– Почитувани ликовни уметници, од сè срце ви посакувам добредојде на сите, а на организаторите на овој убав настан со висока естетка вредност им благодарам што го избраа нашиот манастир, за овие уметнички души да бидат заедно со нас и со своето присуство и творештво да го почестат ова свето место со илјадагодишна историја. Како битолчанец, добро знам што е Малиот Битолски Монмартр и секогаш сум се радувал што во тој убав наш град, кој е гордост на Македонија, доаѓале деца од целиот свет, за да ја сликаат впечатливата архитектура на Битола, рече тој.

Пред младите уметници се потсетил дека пред неколку години имал прилика да го посети градот Париз и да прошета по тие улички и плоштатки околу големиот храм на Спасителот Христос, на Брдото на Мачениците, што всушност и означува топонимот Монмартр, од француското Mont des Martyrs.

– Ме воодушеви таа таинствена поврзаност на уметноста со врховниот Уметник, односно со Бог Создателот. Навистина Бог е љубов и убавина, а целта на уметноста е токму убавината. Ние христијаните во Светото Писмо читаме дека кога Бог го творел светот, при секој ден од создавањето, потврдувал дека створеното е добро, убаво. И виде Бог дека е добро. Од Светите Отци на Црквата, во основното изложување на верата христијанска, во Символот на верата, Бог е наречен Ποιητής: поет, творец, уметник. И несомнено, Бог е најголемиот уметник, кој го остави својот потпис во природата. И како што на секоја уметничка слика има потпис од авторот, така и Бог се потпишал во Својата природа. На тој начин, преку Неговите творби, тие совршени уметнички дела, од кои најчудесни сме самите ние луѓето, ние секојдневно учиме и комуницираме со Уметникот над уметниците. Ви благодарам уште еднаш и многу се радувам што сте тука. Ви посакувам убав престој и плодно творештво, посакал владиката Партениј.

Организаторите на настанот срдечно му се заблагодариле на епископ г. Партениј, за дадениот благослов и за великодушното гостољубие и по тој повод, од името на сите учесници, му подариле икона од Светиот Партениј Лампсакиски, насликана од ликовниот учител Томислав Стерјов.

– Во продолжение, младите уметнички души веднаш се фатија за четките со рацете, за на свој начин да ја доживеат и пренесат убавината на Бигорското светилиште. На крајот од денот на учесниците им беа доделени пофалници, а како најдобри цртежи беа избрани два од делегацијата на Кина и по еден од делегациите на Израел и Турција. Во знак на благодарност за искажаната поддршка и соработка, „Малиот Битолски Монмартр“ му додели на нашиот Старец Диплома за придонес во сликарската уметност, посочуваат од Бигорскиот манастир.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK