Потврдена пресудата за поранешниот француски претседател Саркози

sarkozi
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поранешниот француски претседател Никола Саркози денеска во жалбена постапка беше осуден на три години затвор, од кои две се условни а една година да носи електронска алка на ногата наместо престој во затвор.

Во март 2021 година, тој беше осуден на три години затвор, од кои две условни, а една во домашен притвор со електронска нараквица, поради корупција и трговија со влијание преку тајна телефонска линија што беше откриена со прислушување.


Францускиот апелациски суд ја потврди пресудата донесена во првостепената постапка на 1 март 2021 година против поранешниот лидер на француската десница, кој ја слушна одлуката на обвинителна клупа.

Неговата адвокатка Жаклин Лафонт веднаш изјави дека ќе поднесе жалба до Касациониот суд, дека Саркози е невин и ќе оди до крај на судската постапка, нарекувајќи ја одлуката на судот „запрепастувачка“.

Саркози го напушти судот без да даде изјава.

Саркози (68) е првиот поранешен француски претседател осуден на затворска казна. Неговиот поранешен „ментор“ Жак Ширак во 2011 година беше осуден на двегодишна условна затворска казна во случајот со фиктивни вработувања во градот Париз.

Долгогодишниот адвокат на Саркози, Тиери Ерзог (67) и поранешниот висок обвинител Жилберт Азиберт (76), исто така беа прогласени за виновни за склучување на „корупциски пакт“ со Саркози во 2014 година и осудени на истите казни.

Апелацискиот суд, исто така, изрече тригодишна забрана за граѓански права на Саркози, што значи дека тој не може да се кандидира за некаква функција.

Обвинителството на 13 декември побара три години условни затворски казни за тројцата обвинети кои од почетокот негираа дека имало корупција.

Поранешниот француски претседател (2007-2012) најостро ги негираше наводите за време на жалбената расправа.

Одлуката на судот беше очекувана, а Саркози го чека новото судење во жалбена постапка наесен во случајот со нелегално финансирање на неговата претседателска кампања во 2012 година и му се заканува трето судење поради сомневање дека имал либиско финансирање за неговата претседателска кампања во 2007 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK