Има можност договорот за жито што истекува на 18 мај да биде продолжен, изјави Ибрахим Калан, портпарол на турскиот претседател за телевизијата „Хабертурк“.
„Се надевам на продолжување на договорот за житото, има шанси за тоа. Се прават неопходните напори во таа насока“, рече Калан.
На 22 јули 2022 година во Истанбул беше потпишан пакет документи за снабдување со храна и ѓубрива на меѓународниот пазар. Првичниот рок беше 120 дена, но во ноември минатата година беше продолжен.
На 18 март годинава Русија најави продолжување на договорот за 60 дена, предупредувајќи дека тоа ќе биде доволно време да се оцени спроведувањето на меморандумот потпишан со ОН.
Руското Министерство за надворешни работи посочи дека понатамошната одлука за продолжување на договорот ќе зависи од повторното поврзување на Роселхозбанк со СВИФТ (SWIFT), обновување на испораките на земјоделски машини, резервни делови и услуги, укинување на ограничувањата за осигурување и реосигурување, укинување на забраната за пристап до пристаништата, продолжување со работа на гасоводот за амонијак Толјати-Одеса, деблокирање на странски средства и сметки на руски компании, поврзани со производство и транспорт на храна и ѓубрива.