„Би сакал да го изразам своето задоволство од ова денеска што беше објавено, а тоа е дека АД ЕСМ ќе може во периодот којшто следи голем дел од своите производни капацитети — посебно кога зборуваме за хидроелектраните — да ги модернизира, а со самата модернизација практично да се зголеми и произведеното количество електрична енергија, со што ќе се зголеми производното портфолио на АД ЕСМ во делот на обновливата енергија. Овој проект е многу значаен“, порача премиерот Христијан Мицкоски.
„Можам да се сетам дека за оваа фаза на рехабилитација на хидроцентралите зборувавме уште во времето кога јас бев директор на АД ЕЛЕМ. За жал, одреден период немаше напредок. Добро е што денеска, еве, раководството на АД ЕСМ, заедно со финансиските институции коишто го обезбедија финансирањето на овој проект — нешто преку грант, нешто преку, би рекол, поволен кредит — ќе овозможи зголемување на портфолиото на производство на АД ЕСМ во делот на обновливите извори на енергија, во делот на хидропотенцијалот. А со тоа ќе се обезбеди квалитетна електрична енергија — кога зборувам за квалитетна, тука мислам на енергија којашто може да врши секундарно и терцијарно прилагодување во рамките на системот.
Така што, еве, нека е со среќа овој проект и нека ни се множат ваквите проекти! Одиме во насока на целта на оваа Влада да бидеме нето-нула кога ќе се направи одземање, односно разлика на произведената и потрошената електрична енергија. Веќе неколку месеци се движиме над или околу 95%. Значи, полека, но сигурно се ближиме кон целта, а тоа е да бидеме нето-нула на крајот од годината. Јас веќе мислам дека следната година дури ќе имаме и одредени вишоци. Така што и таа цел и тој приоритет, полека, но сигурно се реализираат“, изјави Мицкоски.