Со затворањето на листата на учесници, дефинирани се сите елементи за почеток на уште еден голем џудо настан во Скопје, Европскиот куп во џудо за сениори – Скопје 2026, што ќе се одржи викендов, поточно на 19 и 20 септември.
Како што информираат од Џудо Федерацијата на Македонија, потврдено е учеството на 439 џудисти од 42 држави од 4 континенти. Натпреварите ќе се одржуваат во салата „Јане Сандански“ двата дена од 9 до 19 часот. Она што е посебно важно за љубителите на џудото е дека влезот е бесплатен.
Свеченото отворање е в сабота во 16 часот, за кога е потврдено доаѓањето на првите луѓе на европското џудо, како и на високи гости, претставници на земјите учеснички.
-Ние сме максимално подготвени да го продолжиме континуитетот на успешно организирани врвни џудо натпреварувања. Како резултат на досегашните високи оценки за нашата организација ја добивме привилегијата да го организираме и овој куп кој ќе биде најмасовен досега во рамките на ова натпреварување во било која европска земја. Да потсетам уште еднаш дека своето доаѓање го најавија најдобрите европски и светски џудисти, бидејќи резултатите ќе се бодуваат и за Олимписките игри, така што очекуваме едно врвно натпреварување – вели претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпановски.
За потсетување, Европскиот куп го носи името бидејќи се одвива на територијата на Европа, а право на настап имаат џудисти од сите континенти.