Оваа недела, на 20 септември, Националната арена „Тодор Проески“ ќе одекнува од детски чекори, смеа и навивање. Четвртата Детска трка на Виталиа ќе собере мали тркачи и нивните семејства за ден посветен на движењето, дружењето и радоста од спортот.
Интересот е голем: досега се пријавени речиси 1.000 деца. Категоријата за деца од 7 и 8 години, и категоријата за деца од 9 и 10 години веќе се пополнети. За преостанатите категории пријавувањето е сè уште отворено, но ќе заврши порано од најавениот рок, 18 септември, доколку се пополни максималниот број учесници. Пријавувањето и информациите за слободните места се достапни на овој линк.
Стартните пакети и броеви ќе се подигнуваат во сабота, 19 септември, од 10:00 до 16:00 часот во Градскиот парк во Скопје, помеѓу Школка и езерцето. Точната локација може да ја погледнете тука.
Пакети ќе може да се подигнат и во недела, од 8:00 до 9:00 часот. Сепак, ги охрабруваме родителите што се во можност да дојдат во сабота, за да се избегнат гужви непосредно пред трките и утрото да започне поопуштено за сите.
https://www.instagram.com/vitaliamk/p/DdUmI94DPus/
Трките почнуваат во недела во 10:00 часот. Виталиа ги замолува родителите и учесниците да ги следат насоките на организаторите и одговорните лица на терен, особено при распоредувањето на децата и пристапот до патеката. Нивните насоки ќе помогнат секоја група да го добие своето место и трките да поминат безбедно.
Во соработка со Атлетската федерација на Македонија, трката ќе се одржи на професионалната атлетска патека, а децата ќе трчаат на растојание соодветно на нивната возраст:
- 100 метри – деца од 7 и 8 години, зелена категорија (пополнета);
- 200 метри – деца од 9 и 10 години (пополнета);
- 300 метри – деца од 11 и 12 години;
- 400 метри – деца од 13 и 14 години.
Музиката, игрите и забавните активности ќе ја дополнат атмосферата на арената, но најубавиот момент ќе биде оној кога децата ќе ја истрчаат својата трка, бодрени од семејствата и пријателите.
Музиката, игрите и забавните активности ќе го исполнат времето меѓу трките. За децата ќе има и посебен корнер со Elements чипсот, како и можност за краток разговор со нутриционист за исхраната и здравите навики. А најгласната поддршка, секако, ќе доаѓа од трибините, каде што родителите ќе навиваат за своите мали тркачи.
Детската трка е начин спортот да им стане близок на децата уште од најрана возраст -ќе ги мотивира да се движат, да стекнуваат самодоверба и да уживаат во времето поминато заедно. Затоа, тука нема прогласување победници. Секое дете што ќе стигне до целта ќе добие медал, бидејќи секој мал тркач заслужува признание за својот труд и храброст.
Се гледаме на 20 септември на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје!