Еврокомесарката за проширување Марта Кос на почетокот на јули ќе ја посети Македонија.
Во фокусот на разговорите се очекува да биде новиот нон-пејпер на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон. Овој документ предвидува модел за забрзана и постепена интеграција на земјите кандидатки во ЕУ, што отвора нови можности за динамизирање на процесот.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека посетата на Марта Кос е дел од нејзината редовна регионална турнеја и оцени дека таа претставува уште една потврда за интензивната комуникација на Владата со европските партнери.
„Според опозицијата Владата била изолирана, а како таква изолирана јас во рок од два месеци остварив билатерална средба со турскиот претседател, со францускиот претседател и со германскиот канцелар. На билатерална посета беше хрватскиот премиер, јас бев на билатерална посета кај австрискиот канцелар и претседателот на Европскиот совет беше тука во Скопје – сето тоа за само два месеца“, изјави Мицкоски.
Доаѓањето на комесарката Кос во Скопје следува непосредно по Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, во период кога повторно се актуелизира прашањето за деблокада на македонскиот пат кон Унијата.