По роденденот на ВМРО-ДПМНЕ следува реконструкција на Владата


vlada.webp.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска најави дека по одбележувањето на партискиот роденден на 17 јуни во Струмица, ќе започнат официјалните разговори со коалициските партнери за реконструкција на Владата.


„Следната недела после роденденот којшто ќе биде на 17 јуни во Струмица со почеток од 20 часот на стадионот, после тоа почнуваме разговори со владините коалициони партнери околу реконструкцијата на Владата“, изјави Мицкоски.

Коментирајќи ги обвинувањата од опозициската СДСМ дека Владата форсира предвремени избори бидејќи ги „потрошила државните пари“, премиерот оцени дека таквите тврдења се нелогични. Тој потенцираше дека партијата има четиригодишен мандат добиен од граѓаните и дека целта е редовни парламентарни избори во пролетта 2028 година, но нагласи дека се подготвени за избори доколку бидат предизвикани.

„Нема да се мешам во нивната стратегија. Само знам дека, зборувам политички, кога влегувате во втората половина од мандатот, логично е да сте подготвени за избори без разлика дали се тоа редовни или вонредни, на барање на опозицијата. Еве нашата опозиција не бара, нашата опозиција е сокриена, има три-четворица кои држат прес-конференции полни со невистини и навреди, најчесто кон мене. И сега кога имаат можност да се покажат на терен, да видат еве колку ефект имаат тие нивни невистини и навреди кон мене, тие едноставно бегаат. Тоа нема да биде првпат што го прави СДСМ. Тоа веќе во историјата многу пати го направила СДСМ“, кажа Мицкоски.

Прашан за коментар околу најавите за наводно повлекување на Али Ахмети од лидерската позиција во ДУИ, Мицкоски одби да коментира, истакнувајќи дека станува збор за внатрепартиски работи во кои не сака да се меша.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK