Во Брисел започна билатералниот скрининг состанок за Поглавјата 14 и 21

brisel
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Брисел денеска во рамки на билатералната скрининг агенда, започнаа состаноците за Поглавјата 14 и 21 односно „Транспортната политика“ и „Транс-европски мрежи“, кои се дел од Кластер 4 „Зелена Агенда и одржлива поврзаност“, соопшти СЕП.

– Транспортната политика претставува еден од најважните столбови за раст, конкурентност и развој на современите економии. Од друга страна, го знаеме значењето и важноста на транс-европските транспортни мрежи, кои ги идентификуваат приоритетните коридори и тематските области на европската транспортна инфраструктура. Ја поздравуваме намерата на Европската комисија да вложи дополнителни напори во развојот на новиот европски транспортен коридор на Западен Балкан, кажа во своето воведно излагање пред претставниците на Европската Комисија, Дрита Абдиу-Халили, заменичка на главниот преговарач со ЕУ.

Таа додаде дека Владата активно ја промовира регионалната соработка и поврзување, уважувајќи ја меѓународната димензија на сите видови на транспорт, со посебен фокус на развојот и модернизацијата на нашата транспортна инфраструктура во рамки на транс-европските мрежи.

– Се стремиме да ја подобриме поврзаноста и да го зајакнеме нашиот придонес во европските транспортни коридори. Нашите напори главно се насочени кон изградба на транспортни линии, кои недостасуваат како и рехабилитација на постоечката транспортна мрежа, рече Абдиу-Халили.

Скрининг состаноците за овие две многу важни и обемни поглавја имаат за цел да дадат појасна слика за нашето досегашно усогласување со ЕУ законодавство, осврнувајќи се на спроведените мерки, идните планови и очекуваниот временски рок во кој треба да го преземеме новото европско законодавство во нашата правна законска рамка, истакнуваат од СЕП.

На скрининг состаноците за областите од Поглавјата 14 и 21, кои ќе траат до крајот на работната недела учествуваат претставници од неколку државни институции и тоа: Министерството за внатрешни работи, Министерството за економија, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот транспортен инспекторат, Јавното претпријатие за државни патишта, Јавно претпријатие за железничка инфраструктура, Државната комисија за спречување на корупцијата и Секретаријатот за европски прашања.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK