МВР распиша оглас за прием на 600 полицајци

mvr
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека денеска е објавен оглас за засновање на работен однос на 600 извршители на работно место полицаец, согласно организациски потреби и одредбите од законите за внатрешни работи и за полиција, како и соодветните подзаконски акти.







Во Секторот за внатрешни работи Скопје се бараат 300 извршители, во Секторот за внатрешни работи Охрид отворени се места за 100 извршители, а прием за 30 извршители е овозможен во Секторот за внатрешни работи во Тетово. По 20 полицајци се бараат во секторите за внатрешни работи во Струмица, Куманово, Штип, во Одделот за заштита на определени личности и објекти, како и во Регионалните центри за гранични работи Север и Запад. По 15 извршители се бараат во секторите за внатрешни работи Битола и Велес, а по 10 извршители во регионалните центри за гранични работи Исток и Југ.

Покрај општите услови наведени во огласот, кандидатите треба да исполнат и посебни услови. Потребна е телесна висина од најмалку 175 сантиметри за машки, а 165 за женски лица и висока лична физичка подготвеност. Во потребната документација, како доказ за исполнување на потребните услови за работното место, се извод од матична книга на родените, диплома за завршено четиригодишно средно образование и две фотографии од 3,5 сантиметри – 4,5 сантиметри, како и потпишана изјава со што лицето потврдува дека не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.

– По спроведената постапка за селекција, која опфаќа административна селекција на поднесената документација, проверка на моторички способности – за мажи најмалку девет „склекови“ во интервал од 10 секунди, најмалку 16 „стомачни подигања“ во интервал од 30 секунди, „скок во далечина од место“ со минимална должина на скокот од 220 сантиметри, „спринт на 20 метри“ за најмалку 3,35 секунди, „спринт на 100 метри“ за најмалку 15 секунди и „трчање на 1500 метри“ за најмалку 5,25 минути, за жени најмалку шест „склекови“ во интервал од 10 секунди, најмалку 12 „стомачни подигања“ во интервал од 30 секунди, „скок во далечина од место“ со минимална должина на скокот од 160 сантиметри, „спринт на 20 метри“ за најмалку 3,50 секунди, „спринт на 100 метри“ за најмалку 18 секунди и „трчање на 800 метри“ за најмалку 3 минути, како и други физички проверки определени од страна на Комисијата, потоа тест за интегритет и психолошки тест, општо-образовен тест, интервју, безбедносна проверка и здравствени прегледи, се појаснува во соопштението.

Избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец во времетраење од една година што ќе се спроведе во Центарот за обука во Министерството за внатрешни работи и на неа се упатуваат за 10 проценти поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас, односно во Центарот за обука ќе бидат упатени вкупно 660 кандидати.

– Рокот за доставување на пријавите изнесува 15 дена, сметано од наредниот ден од денот на објавување на јавниот оглас, не сметајќи го денот на самото објавување. Ненавремената и непотполна документација нема да се разгледува, се истакнува во соопштението.

Кандидатите можат да ја посетат веб-страната – www.mvr.gov.mk, од каде можат да добијат информации за функциите, надлежноста и делокругот на работа на Министерството за внатрешни работи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK