Зеленски: Бараме опрема и финансиска поддршка

677z381_12290882-zelenski.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека Украина би сакала, со помош на своите сојузници, да ги обнови енергетските капацитети оштетени од нападите на руските сили пред следната зима.

Зборувајќи на Конференцијата за закрепнување на Украина, која се одржува во Берлин, Зеленски посебно нагласи дека на Украина и се потребни системи за противвоздушна одбрана за да ја заштити својата територија и да ја врати електричната мрежа, пишува „Киев Индипендент“.

Тој ја нарече руската воздушна надмоќ „најголема стратешка предност“ на Русија во војната и го повтори својот апел да и се обезбедат на Украина најмалку седум системи за воздушна одбрана од типот „Патриот“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Германија во следните неколку недели и месеци ќе и го испрати на Украина третиот систем за противвоздушна одбрана „Патриот“, како и системите за противвоздушна одбрана „ИРИС-Т“ и „Гепард“, со проектили и муниција.

„Во екот на минатиот зимски период потрошувачката на електрична енергија беше околу 18 гигавати и сега недостасува половина од производствениот капацитет. Осумдесет проценти од термалните и една третина од хидроенергетските капацитети во Украина беа уништени во руските напади и тоа не е крај на овој терор“, рече Зеленски и ја обвини Русија дека се обидува да ги „подобри своите вештини“ во уништувањето на енергетските капацитети, вклучително и капацитетите за складирање гас што го поврзуваат енергетскиот систем на Украина со европскиот.

Претседателот на Украина ги повика сојузниците да помогнат да се одржат капацитетите за производство на енергија во Украина и да се обнови уништеното.

„Потребна ни е брза и евтина реставрација на сите енергетски капацитети пред зимата. Знаеме како да го постигнеме тоа. Бараме опрема од вашите исклучени електрани и директна финансиска поддршка. Тоа ќе ни овозможи да реагираме на моменталната состојба и да одржиме нормален живот“, рече Зеленски.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така, на конференција во Берлин најави дека официјален Киев во јули ќе добие 1,5 милијарди евра од замрзнати руски средства и веќе овој месец 1,9 милијарди евра преку украинскиот фонд.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK