Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс рече дека верува оти украинскиот претседател Володимир Зеленски „на крајот“ ќе се помири со учеството во мировните преговори за ставање крај на руската војна против Украина. Неговите коментари, дадени во претходно снимено интервју со Шон Ханити од Фокс њуз, беа дадени пред да биде објавена одлуката на САД да ја прекине воената помош за Украина.
„Тој покажа јасна неподготвеност да учествува во мировниот процес што претседателот Трамп го означи како политика на американскиот народ и нивниот претседател. Тоа е вистинскиот проблем – мислам дека Зеленски не беше подготвен во тоа време. И искрено, мислам дека сè уште не е подготвен, но верувам дека на крајот ќе дојде до тоа, бидејќи мора“, рече Венс.
Vice President JD Vance’s full interview with Sean Hannity on Fox News pic.twitter.com/BhKtZXei5C
— Politics And Sports News (@PSNews47) March 4, 2025
Коментарите на Венс беа негови први јавни забелешки по состанокот во Овалната соба, каде што претседателот Доналд Трамп вербално го нападна Зеленски. На прашањето дали Зеленски би можел да се врати во Белата куќа ако изјави дека е подготвен да разговара за мировен план, Венс рече дека САД ќе бидат подготвени за нови разговори доколку Зеленски е сериозен за преговорите.
„Да се јави и да има сериозен предлог за тоа како има намера да се вклучи во процесот… Видете, има детали кои се навистина важни и за кои веќе разговараме со Русите. Разговаравме со некои од нашите сојузници, тој треба сериозно да се вклучи во деталите“, рече Венс.