Од салата за прослави во Ирак, во која синоќа за време на свадбените веселби загинаа најмалку 113 лица, остана само челичната конструкција.
На видеата кои настанаа по страотниот пожар кој за неколку минути ја зафати салата, може да се види дека пламените јазици уништија се од инвентарот, толку што речиси е невозможно да се препознае било што.
Трагедијата се случила за време на првиот танц. Според кажувањата на гостите на свадбата кои го преживеале пожарот, околу 22 часот и 45 минути младенците излегле на подиумот да танцуваат и со тоа биле запалени прскалки и огномет за да ја прослават венчавката. Сепак, постои сомневање дека огнометот удрил во таванот, кој се запалил, а пожарот потоа почнал да се шири со молскавична брзина.
На видеата кои кружат на социјалните мрежи, младенците преплашени се вртат и гледаат како пламенот почнува да ја зафаќа салата, додека огнените топки паѓаат на свадбената веселба.
„Целата сала се запали за неколку секунди“, рекол еден од гостите на свадбата.
Се сомнева дека во салата во моментот на трагедијата имало околу 900 луѓе.
Иако пожарникарите релативно брзо пристигнале на лице место, пламенот веќе ја зафатил речиси целата сала и бројните гости во неа. Пожарникарите влегле да ги извлечат преживеаните.
Првите наоди од истрагата покажуваат дека салата била изградена со екстремно запаливи материјали, што довело до брзо ширење на пожарот и до уривање на конструкцијата.