Комесарот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, денеска по состаноците одржани во Вашингтон изјави дека испраќањето нова помош за Украина не може да чека бидејќи за исходот од војната во Украина ќе се одлучува оваа пролет и лето.
Поради сомнежите за продолжување на американската воена помош за Киев, Борел им рече на новинарите дека неговата порака до американските пратеници била: „Што и да треба да се направи, мора да се направи брзо“.
„Тоа е вистина за нас. Мораме да забрзаме. Мораме да ја зголемиме нашата помош, мораме да направиме повеќе и побрзо. Затоа ги зголемуваме нашите одбранбени способности. А тоа важи и за САД“, рече Борел за европската помош за украинската војна.
„Следниот месец ќе биде одлучувачки. Многу аналитичари очекуваат голема руска офанзива ова лето, а Украина не може да ги чека резултатите од следните американски избори“, додаде тој.
Демократскиот претседател Џо Бајден го поддржа испраќањето воена помош за Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година, додека неговиот главен републикански противник, Доналд Трамп, прибегна кон политика на изолационизам.
Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, сојузник на Трамп, досега одбиваше да повика на гласање за легислатива што ќе и обезбеди на Украина дополнителни 60 милијарди долари.