Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска му честиташе со доза иронија на претседателот на Русија, Владимир Путин за неговата, како што ја нарече, убедлива победа на претседателските избори во Русија.
„Би сакал да му честитам на Владимир Путин за убедливата победа на изборите кои почнуваат денеска. Нема опозиција. Нема слобода. Нема избори“, напиша Мишел на платформата „Икс“.
Граѓаните на Русија денеска излегоа на гласање на првиот ден од изборите на кои речиси е извесно дека Путин ќе победи и ќе остане на власт уште шест години, пренесува порталот „Политико“.
Рускиот претседател се очекува да се соочи со тројца кандидати кои доброволно се воздржуваат од критики.
Путин првпат беше избран за претседател на Русија во 2000 година и оттогаш е на чело на земјата, освен паузата кога ја презеде улогата на премиер помеѓу 2008 и 2012 година.