САД поднесоа обвинение против поранешниот кубански претседател Раул Кастро, изјави во средата висок функционер на администрацијата на Трамп, а овој потег означува ескалација на кампањата за притисок на Вашингтон врз комунистичката влада на карипскиот остров, пренесуваат светските медиуми.
Обвинението доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок за промена на режимот на Куба, каде што комунистите на Кастро се на власт откако неговиот покоен брат Фидел Кастро ја предводеше револуцијата во 1959 година.
Ова претставува, како што пишува Ројтерс, најновиот потег на Министерството за правда на Трамп, кое користи кривични гонења за да ги таргетира своите политички противници дома и во странство. Историски гледано, американските обвиненија против странски лидери се ретки.
САД воведоа блокада врз Куба со заканување со санкции врз земјите што ја снабдуваат со гориво, предизвикувајќи прекини на електричната енергија и влошувајќи ја најлошата криза во земјата во последните децении.
Раул Кастро, 94, беше министер за одбрана на Куба пред да ја преземе претседателската функција во 2008 година, откако се разболе Фидел Кастро и тој почина во 2016 година.
Очекуваните обвиненија се фокусираат на наводната улога на 94-годишниот Кастро во наредбата за соборување на два цивилни авиони што ѝ припаѓаа на кубанско-американската група „Браќа за спасување“ во 1996 година, според сведоци запознаени со ова прашање. Четири лица, од кои тројца се Американци, беа убиени во нападот.
Куба се соочува со колапс на својот енергетски сектор поради ембаргото за нафта по нападот на САД врз кубанскиот сојузник Венецуела во јануари и изјавата на администрацијата на Трамп дека кубанската влада претставува закана за националната безбедност на САД.