Во Србија најмногу раѓаат жените на возраст од 30 до 39 години, но од година во година се зголемува и бројот на жени кои стануваат мајки по 50-тата година. Според најновите податоци на Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, во 2025 година жени постари од 50 години родиле 49 деца, додека во 2016 година тој број изнесувал само 15, пишува „Блиц“.
Во текот на минатата година во Србија биле регистрирани 56.188 породувања, при што се родени вкупно 57.191 дете.
Најмногу породувања, односно 28.792, биле кај жени на возраст од 30 до 39 години. Следуваат жените од 20 до 29 години со 23.416 породувања, додека кај жените на возраст од 40 до 44 години биле регистрирани 3.007 породувања.
Експертите посочуваат дека современиот начин на живот, економските фактори и кариерата сè повеќе влијаат врз одлуката за одложување на мајчинството.
Зголемувањето на бројот на мајки постари од 50 години се поврзува и со поголемата достапност на методите за медицински потпомогнато оплодување. Од 2022 година, старосната граница за жени кои можат да користат државни средства за овие постапки е зголемена од 43 на 45 години.
Гинекологот, професор д-р Александар Љубиќ, предупредува дека бременоста по 50-тата година носи зголемен ризик од висок крвен притисок и гестациски дијабетес, поради што е неопходен посебен медицински надзор.
Во меѓувреме, податоците покажуваат и зголемување на бројот на пријавени прекини на бременоста. Во 2025 година биле евидентирани 14.728, наспроти 11.989 во 2024 година. Од нив, 7.772 биле медицински прекини, а 6.956 спонтани прекини и други неповолни исходи на бременоста.