Нискобуџетната ирска авиокомпанија „Рајанер“ денес објави дека ќе ја затвори својата оперативна база во Берлин и ќе го преполови бројот на летови до и од германската престолнина во својот зимски распоред поради високи такси и даноци.
Базата ќе се затвори на 24 октомври 2026 година, а сите седум авиони што моментално се наоѓаат во Берлин ќе бидат преместени на попристапни аеродроми во други европски земји што ги укинаа даноците за воздушен сообраќај, вклучувајќи ги Шведска, Словачка, Албанија и Италија.
„Рајанер“ истакнува дека одлуката е донесена по последното зголемување од 10 проценти на аеродромските такси во Берлин, кое, велат тие, дополнително ги зголемило веќе високите трошоци за водење бизнис. Компанијата се пожали дека таксите на аеродромот во Берлин се зголемиле за околу 50 проценти од 2019 година и долго време ја критикува Германија и нејзините аеродроми. Покрај надоместоците, ирската компанија е загрижена и за даночниот товар.
„Таквата политика ја намалува конкурентноста на воздухопловниот сектор“, тврди „Рајанер“.
Пилотите и кабинскиот персонал со седиште во Берлин се информирани за затворањето на базата, а менаџментот вели дека на сите вработени ќе им бидат понудени алтернативни позиции во рамките на мрежата на „Рајанер“ низ Европа.
Други меѓународни авиокомпании исто така сметаат дека германскиот пазар е премногу скап и веќе најавија намалување на обемот на работење, забележува „Ројтерс“.
Порано овој месец, германската влада одобри намалување на данокот на воздушен сообраќај, кое треба да стапи на сила во јули. Данокот треба да се врати на нивото од мај 2024 година со цел да се стимулира закрепнувањето на секторот.
фото/Depositphotos