Организаторите на Олимписките игри кои идната година ќе се одржат во Париз работат на поставување на олимпискиот пламен на Ајфеловата кула, јавија денеска светските агенции, повикувајќи се на добро информирани извори.
Не е познато дали олимпискиот пламен ќе биде поставен на парискиот споменик за цело време додека траат Игрите, од 26 јули до 11 август.
Според анонимен извор од организацискиот одбор, олимпискиот факел, сепак, нема да биде поставен на самиот врв на Ајфеловата кула, бидејќи таму веќе се инсталирани антени.
„Местото каде ќе биде запален пламенот на денот на отворањето на Олимписките игри сè уште не е одлучено“, рече портпаролот на ОИ 2024. Тој не демантираше дека се работи на поставување на олимпискиот пламен на Ајфеловата кула, ниту сакаше да открие кога ќе биде објавена каква било вест за тоа.